Директорката на Геронтолошкиот завод Ленче Неловска ги демантира тврдења кои ги испитува и полицијата дека заводот спротивно на законот издавал лекарски уверенија на здрави лица за тие да гласаат како болни и немоќни, во домашни услови еден ден пред изборите.
-Инсинуациите за издадени невистинити лекарски извештаи се навреда за лекарите во Република Македонија и обид за вовлекување и дискредитација на лекарите кои чесно и одговорно ја вршат својата професија во дневно политички цели- вели директорката за 24 Вести.
Претходно денеска од МВР потврдија дека по анонимна пријава, отвориле случај и го проверуваат овие злоупотреби.
Неофицијално, има сомненија дека докторка од „Геронтолошкиот завод 13 ноември“ во Ѓорче Петров издала 58 специјалистички упати и супспецијалистички извештаи за 29 лица како неподвижни иако истрагата на терен покажала дека некои од нив одат и на работа.