Назначувањето на новите директори на институции е во согласност со објавени конкурси и исполнување на критериуми кои се бараат, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.
-На вчерашната седница на Владата именувавме неколку директори по објавени конкурси и по исполнување на сите услови. Така како што ветивме пред јавноста, така постапивме. Објавивме јавен конкурс за заменици директори и директори, аплицираа заинтересираните луѓе. Тие кои ги исполнуваа условите, и во некои случаи беа и единствени кандидати, ги избравме на вчерашната седница на Владата. Секоја Влада, секоја политичка партија на изборите ветува програма која сака да ја оствари. За да ја имплементира ќе мора да ги избере најспособните луѓе на кои им верува, на кои ќе им додели одгoворност да ја спроведат таа програма. Затоа, секоја Влада сноси одговорност за секое именувано лице. Јавноста и граѓаните треба да судат според спроведеното, според тоа колку е исполнета нашата програма последните три и пол години од ова владејачко мнозинство, рече Груби, одговарајќи на новинарско прашање дали новите директори се назначени како партиски кадри или според стручност.