Директорите на ЦСР на прес-конференција побараа извинување од техничкиот министер Ѓоко Велковски за, како што велат, изнесените навреди и нарушување на интегритетот на вработените.
„Навредите на еден министер кон сите вработени и повредата на достоинството на директорите е неприфатливо однесување за предводник кој треба да влева доверба и сигурност кај граѓаните!
Како директори јавно го искажуваме своето незадоволство од непромислените изјави на техничкиот министер, Велковски на вчерашната прес-конференција. За еден професионалец да работи во социјална заштита потребна е посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред се знаење. Министер што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност а притоа ги навредува сите вработени во институцијата каде моментално тој е на чело е целосно неприфатливо.
Бараме извинување за нарушување на интегритетот на нашите вработени, како директори го цениме трудот на вработените и никакви политички игри не смеат да ја навредат нивната професионалност!Човек што не ги почитува вработените, не можи да води едно од најголемите министерства во државата!“ порачаа тие.
Велковски вчера објави дека е направен милиони криминал во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) преку злоупотреба на системот за социјална заштита и незаконско и противправно исплаќање пари.