Директори и пратеници уплатиле пари на сметката на ДУИ, на списокот има општина и клиника

by Фокус

На партиската жиро-сметка на ДУИ во минатата 2018 година биле уплатени средства по основ на членарини од 60 лица во вкупен износ од 1.68 милиони денари, како и една донација во висина од 184 илјади денари, покажува извештајот што го партијата го доставила до Управата за јавни приходи и до Државниот завод за ревизија.

Според извештајот, единствената донација на ДУИ доаѓа од Бејтула Адеми во износ од 184.200 денари, додека сите други приходи се по основ на членарини. Така, членот на Управниот одбор на М-НАВ Миѓен Селмани уплатил 175.00 денари, додека партискиот потпретседател Невзат Бејта, директорот на Институтот за трансфузиона медицина Авни Исмаили и директорот на ЈП за стопанисување со пасишта Љуљзим Фејзулаи уплатиле по 60.000 денари.

Потоа, потпретседателот на Агенцијата за медиуми Милаим Фетаи уплатил 48.000 денари, директорот на ЈП Македонски железници Ирфан Асани уплатил 47.000 денари, министерот за екологија Садула Дураку уплатил 45.000 денари итн. Партискиот лидер Али Ахмети, пак, уплатил 36.000 денари, исто како и претседателот на парламентот Талат Џафери, како и пратениците Агим Шаќири, Реџаил Исмаили, Мирсада Асани…

И во овој регистар на донатори на ДУИ може да се сретнат јавни субјекти, па Општина Липкково е наведена покрај уплата од 1.980 денари, а називот на Стоматолошката клиника стои покрај уплата од 5.962 денари. Сепак, од партијата објаснуваат зад донацијата на Општина Липково стои Еркан Арифи, а зад донацијата на Стоматолошката клиника стои Амела Цана.

Инаку, појавувањето државни институции и јавни претпријатија на листата на донатори на албанската владејачка партија е долгогодишна појава, поради што Антикорупциската комисија неодамна реагираше до Јавното обвинителство поради сомнение за злоупотреба на буџетски средства. Од партијата од Мала Речица, пак, коментираа дека донатори не се јавните субјекти, туку физички лица што работат во овие институции, кои префрлуваат свои лични пари преку траен налог.

Според годишната сметка на партијата што ја обезбедивме од Централниот регистар, ДУИ минатата година остварила вкупни приходи од 37.990.251 денари, што е значително повеќе во споредба со 2017 година, кога приходите изнесувале 21.946.676 денари. Минатогодишните расходи, пак, изнесуваат 18.861.535 денари, што значи дека на крајот на годината останал вишок на приходи во износ од 19.128.716 денари.

Најголем дел од приходите во минатата година се впишани во графата „други приходи“, кои изнесуваат 31.752.668 денари. Најголем дел од оваа сума, односно 29.653.898 денари, претставуваат буџетски средства што законски и следуваат на партијата, со оглед дека толкав износ е наведен како уплата од Министерството за правда, преку кое всушност се врши исплатата на буџетски средства кон политичките партии.

В.С.

Поврзани новости