Директор на јавно претпријатие кој беше на настани со Заев позитивен на Ковид, почитувани биле сите протоколи

by Frosina Fakova

Директорот на јавното претпријатие „Камена река“ од Македонска Каменица, Влатко Андоновски попладнево на својот фејсбук профил објави дека е позитивен на Ковид-19.

Симптомите ги почувствувал во саботата, но она што отвори прашања во јавноста е тоа што претходниот ден Андоновски се сретна со премиерот Зоран Заев, министерот Венко Филипче, новиот вицепремиер, Љупчо Николовски и други владини функционери кои го посетија малото рударско гратче на „Денот на рударите“.

-Чувствувам одговорност да Ве информирам дека по направениот тест за Ковид 19 сум позитивен. Во сабота имав одредени симптоми по што во разговор со матичниот лекар одлучивме да се тестирам, за жал излезе позитивен, следуваат денови на изолација и борба која заедно со мојата фамилија знам дека ќе ја добиеме. Останете во добро здравје и почитувајте ги мерките, напиша Андоновски.

Андоновски за „Фокус“ потврди дека бил на настаните, но вели дека биле на отворено, почитувајќи ги мерките и протоколите, на соодветна дистанца и без физички контакт. И Николовски ни потврди дека се почитувале сите мерки и дека никој не бил загрозен.  Министерот за здравство, Венко Филипче ни изјави дека сите протоколи биле почитувани и нема никој да оди во изолација.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости