Во јавните здравствени установи со години се забележуваат злоупотреби на плати и надоместоци, но ситуацијата почнува да се разоткрива со неодамнешните вонредни контроли спроведени од Фондот за здравствено осигурување. Сашо Клековски, новиот директор на Фондот, во Дневникот на ТВ Сител изјави дека првите месеци од неговиот мандат се посветени на утврдување на злоупотреби кои придонеле за големи долгови во здравствените установи.
Клековски откри и конкретни примери на злоупотреба, како директор кој користел патни трошоци од 500 илјади денари во рок од 10 месеци без соодветни документи, или пак друг директор кој незаконски ја зголемил својата плата за 400 илјади денари за една година. Во некои центри за јавно здравје, биле исплаќани измислени плати врз основа на непостоечки колективни договори.
Посочи дека долговите во клиниките на Клиничкиот центар во Скопје не се секаде настанати поради злоупотреби.
-На пример, Онкологија нема планирано соодветна терапија, зашто со буџетот немало план за иновативни лекови и се задолжувале. На различни места има различни примери, вели директорот.
Во план е, како што рече, долгот од пет милијарди на јавните здравствени установи да се намали, за да можат следниот период да се фокусираат на подобрување на здравствените услуги.
„Онкологија мора да има терапија за сите. Ова е еден од најважните приоритети“, изјави Клековски, додавајќи дека Фондот покрива околу 250 до 300 случаи годишно за лекување во странство, со најчесто упатување во Турција.