Македонскиот дипломатски синдикат го повика министерот Бујар Османи да ја прошета институцијата која ја води три години. Му порачаа дека треба да се запознае подобро со состојбата во канцелариите и со персоналот затоа што според нив, зградата на МНР се распаѓа поради нехигиена.
„Прво што ќе му падне во вид е шареноликоста на персоналот, но не според познавање јазици или дипломатски афинитети, туку според облекувањето, поради кое се стекнува слика дека сте во некоја дискотека од пониска категорија, а не во најконзервативната институција во земјата, домот на дипломатијата каде што дрес кодот е препознатлив.
Второ што ќе може да види г-нот Османи се валканите ѕидови. Верувале или не, тие ниту еднаш не се варосани од изградбата на новата зграда. Навистина, во неколку наврати беа парцијално варосани само ходниците со скалите, веројатно зашто тука поминуваат странски делегации. Најголемиот дел, а особено канцелариите никогаш.
Трето што ќе може да види г-нот Османи се катастрофалните тоалети. Испокршени капаци на пожолтените шолји, тешка смрдеа и хроничен недостаток на основни хигиенски средства како сапун, хартија и сл. Да не зборуваме за џогерите, кофите и останатите средства за чистење кои стојат на отворено, веднаш до лавабоата. Се на се, идеални услови за ширење ешерихија коли или некоја друга заразна бактерија.
Четврто, валкани канцеларии. Тие никогаш вистински не се чистат, туку само се собираат покрупни отпадоци од подот. За чистење на бироата да не зборуваме. Прашина до гуша.
Петто и како капак на се, на фасадата на МНР пред еден месец се истакнати два огромни банери кои го рекламираат нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година. Тие покриваат околу една третина од површината на зградата. Ајде што тие чинат доста пари, ајде и тоа што не разбираме зошто дома би го рекламирале сопственото претседавање (освен за рејтингот на г-нот Османи), а не во странство, но она што е катастрофално е дека тие банери целосно покриваат две вертикали со прозорци од канцеларии кои сега се затемнети и немаат природна светлина. Уште полошо, вработените не смеат да отворат прозорец поради огромната смрдеа од пластиката и боите на банерите, па така седат и без воздух и без доволно светлина.
Господине Османи, немојте да барате дежурни кривци во женичките хигиеничарки што го чистат министерството. Проблемот не е во нив туку во организацијата на работата и грижата за институцијата. Ако ви е навистина важна, вработете уште толку, бидејќи не се доволни. Исто така, не ги обвинувајте вработените дека имаат лоши навики во тоалетите и дека нарочно кршат капаци. Купете поквалитетна опрема, определете хигиеничарки чија надлежност ќе бидат исклучиво тоалетите и направете да светкаат. Исто како што светкаат во сите други министерства за надворешни работи во светот. Или барем како во хотелите. Тоа не е толку тешко.
Како министер, редно е да покажете малку грижа за вработените. Како што вели слоганот на двата банери : „За луѓето се работи!“ Да не испадне дека нашите вработени не се луѓе“, објави амбасадоро Зоран Дабиќ од дипломатскиот синдикат.