Македонскиот дипломатски синдикат денеска преку соопштение изрази разочарување од вчерашната реакција на министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со нивните критики кон неговата работа и ги демантира неговите тврдења дека тие се субјективни, како и дека тој одржува редовна комуникација со двата синдиката во Министерството за надворешни работи.
-Османи продолжува да запаѓа од лага во лага со тврдењето дека критиките кон него биле субјективни, односно биле упатени од страна „на еден човек, а не цела организација“, како и дека тој со двата синдиката во МНР имал соработка „на дневна основа“. За информирање на г-нот Османи, Македонскиот дипломатски синдикат е законски регистриран во Централен регистер и е дел од Синдикатот на администрацијата и државната управа (САДУ) и Конференцијата на слободни синдикати (КСС), а преку нив и во Меѓународната конфедерација на синдикати со седиште во Брисел (International Trade Union Confederation – ITUC). Не само што целото членство на МДС стои зад критиките кон Османи, туку и САДУ и КСС целосно ги поддржуваат ставовите на МДС, а тоа се многу луѓе, не еден човек, се наведува во соопштението од МДС.