Дипломатска тензија меѓу Србија и Хрватска

by Fokus

Министерството за надворешни работи на Србија донесе одлука Хрвој Шнајдер, прв секретар во Амбасадата на Хрватска во Белград да го прогласи за персона нон грата, согласно член 9 од Виенската конвенција, со кој се регулира дипломатско-конзуларното односи. Српскиот портал Новости.рс пишува дека станува збор за „документирана шпионажа и врбување за работа за хрватската служба“.

Таблоидот Ало пишува дека српската агенција БИА (Безбедносно-информативна агенција) „разоткрила хрватски дипломат кој се обидел да создаде агенциска мрежа во Белград“, а наведуваат и дека „контактирал со луѓе од политиката, бизнисот и медиумите“.

Српската служба долго време ги следи неговите активности и кога ги пронашла сите релевантни докази, биле преземени сите мерки за да се запрат неговите непријателски активности“, пишува Ало.

„За време на неговиот професионален ангажман во Република Србија, Шнајдер грубо отстапи од рамката на дипломатските норми и ја прекрши гореспоменатата Конвенција. Во оваа прилика беше доставена дипломатска нота до амбасадорот на Република Хрватска, Хидајет Бишчевиќ.

Министерството за надворешни работи на Република Србија изразува жалење за однесувањето на споменатиот дипломат во изминатиот период, кое не придонесува за подобрување на билатералните односи меѓу Република Србија и Република Хрватска, добрососедската соработка и севкупното подигнување на нивото на мирот и стабилноста во регионот“, се вели меѓу другото во соопштението.

Не требаше многу време за реакција од страна на Хрватска. Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска синоќа ги отфрли основите за протерување на акредитиран хрватски дипломат.

„Споменатата одлука на Република Србија претставува чекор кон влошување на меѓусебните односи, како и натамошна дестабилизација на чувствителните регионални политички и безбедносни услови во време кога стабилноста на југоисточниот дел на Европа е од исклучителна важност за целата на Европа“, се вели во соопштението.

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави дека Хрватска презела реципрочна мерка.

„Одлучивме да го прогласиме советникот на српската амбасада во Хрватска за персона нон грата на Хрватска. Нотата е доставена до амбасадорот и во неа е наведено дека советникот мора да ја напушти територијата на Република Хрватска“, рече тој.

Радман нагласи и дека ги отфрлаат основите поради кои хрватскиот дипломат бил протеран од Србија.

„На хрватскиот амбасадор не му беше дадена причина, беше речено дека не треба да се дава причина. Не ги знаеме причините за одлуката, што е уште позагрижувачко“, рече тој.

Поврзани новости