Дино Имери нема да прави концерт: Чудо е што воопшто квалитетните домашни уметници и понатаму творат

by fokus

Македонскиот уметник и пијанист, Дино Имери упати силни критики кон Министерството за култура, поради како што вели, одбивањето од нивна страна на неговиот проект „Концерт на Дино Имери во Скопје и Битола“.

„Со жалење Ве информирам дека мојот проект „Концерт на Дино Имери во Скопје и Битола“ кој требаше да вклучи и гостување на една од најдобрите пијанистки од помладата генерација со завидлива светска кариера – италијанката Глориа Кампанер, не се најде на листата на одобрени проекти и покрај мојата успешна меѓународна дејност и кредибилитет како млад, но веќе докажан уметник.

Со ваков однос од страна на Министерството за Култура на Р. М. сметам дека е чудо што воопшто квалитетните домашни уметници и понатаму творат и создаваат вредни уметнички дела со трајни вредности. Штетата од оваа одлука, на крај, ќе падне на публиката до која нема да може да стигнат квалитетните проекти замислени и реализирани од веќе докажани уметници, но и на грб на уметниците кои веќе ги губат сите начини за „снаоѓање“ и наоѓање на скромни средства за реализација на нивните дела, како и било каква мотивација за создавање. Со нетрпение го чекам и правното Решение во кое ќе биде интересно да се види која е причината за одбивање на мојот проект, а кое ќе ми дозволи да превземам и правни дејствија во насока на обжалување на оваа одлука со полна свесност дека и тој чекор нема да ме однесе далеку.

На крајот, би сакал да кажам дека вистинскиот уметник ќе продолжи со создавање на вистински, длабоки уметнички дела кои ќе бидат светлина во оваа магла од срам, непрофесионализам, недоследност и негрижа за културата која е видлива преку многу нешта. Се надевам на некои идни музички средби со прекрасната публика во Македонија, до тогаш ни останува да концертираме и работиме надвор од државата“, напиша Имери на својот Фејсбук профил.

Фото – Сашо Алушевски

Поврзани новости