За помалку од еден ден новиот спот на поп пејачката Дина Шабани од Скопје го виделе над 140.000 гледачи, на интернет каналот Јутјуб. Видеото кое што го привлече интересот на јавноста е за песната ,,Мамасита’’, а скопјанката во него се појавува во провокативно издание.
И самата Дина била изненадена од големиот број на прегледи, но и позитивните коментари кои пристигале од целиот Балкан. Веќе добила понуди за настапи од клубови од регионот, но и покани за интервјуа од медиуми од соседството.
-Се изненадив од реакциите на јавноста по објавувањето на мојот нов спот. За мене тоа е знак дека на балканскиот народ му е смачено од тешки теми и политика, и луѓето сакаат да гледаат и слушаат убави нешта. Црни хроники, корупција, малверзации, сето тоа влијае доста негативно врз самата психа на луѓето и сметам дека е време музиката да започне да преовладува над политиката. Кај нас со години главна тема и кај младите и кај старите се политичките случувања, па политичарите на некој начин ни ја одземаат славата нам, на музичарите. Народот заборави на забава, на музика, на уметност… Дури и децата ги знаат имињата на министирите, ги коментираат политичките партии. Драго ми е што ,,Мамасита’’ се избори со денешните политички теми и преовладуваше над нив, гледаноста на спотот е навистина голема, што ме мотивира и во блиска иднина да понудам нешто ново, во сличен стил – вели Шабани.
Ова е трет спот на атрактивната пејачка. Таа е родена и живее во Скопје.
Вики Клинчарова