Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека очекува најверојатно утре на владина седница директорот на АНБ Виктор Димовски да даде извештај на затворена седница на Влада и оти мора да се утврди одговорност за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Украинец, Олександер Онишченко.
-Она што јас побарав е детален извештај врз основа на спроведена истрага или анализа согласно процедурите на АНБ и директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Влада. И тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден. Меѓутоа и вие самите знаете дека од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации со оглед на казнивоста на давање такви информации од затворена седница на Влада, рече Ковачевски на новинарско прашање по отварањето на градинка во Чучер Сандево и потсети дека државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.
Додаде дека одговорност за случајот мора да има и оти тоа е работа на анализата, односно истрагата која што таму треба да биде спроведена, која веќе и се спроведува и информира дека наскоро треба да биде именуван нов директор на АНБ за што е почнат процес на селекција.
-Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност. Да, ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Треба да биде професионалец со долгогодишно искуство и кој ќе треба исто така да ги помине и филтрите на институциите на стратешките партнери, бидејќи да не заборавиме ние сме земја членка на НАТО, имаме Договор за стратешко партнерство со САД и изборот треба да биде усогласен со исполнување на такви критериуми, истакна премиерот Ковачевски.