Димовски: ССМ во петок носи одлука за генерален штрајк

by Fokus

Првите луѓе на Сојузот на синдикатите (ССМ) попладнево во Охрид одржаа прес-конференција на која соопштија дека во разговор со работници во градот, имало големо незадоволство и добиле многу негативни реакции за предлогот на министерот за економија Крешник Бектеши, со кој недела ќе биде работен ден за работниците во трговијата во туристичките места.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, повтори дека предлогот е „крајно неприфатлив“ за ССМ и повика тој да не биде изгласан во Собранието. Работниците, вели Димовски, се децидни дека нема такви пари што може да ги натераат да работат во недела, ден кој го поминуваат со своите семејства.

„Сметаме дека овој предлог од Министерството за економија е крајно неприфатлив и бараме од Собранието да не бидат изгласани овие законски измени, со цел да не ги оштетиме работниците и да не ги уназадуваме работничките права, кои се голем бенефит за нас, особено денот недела“, рече Димовски.

Потпретседателот на Советот на ССМ задолжен за приватниот сектор,Павел Трендафилов, рече дека ССМ се подготвува за генералниот штрајк кој беше најавен, бидејќи според него, инфлацијата веќе ја „изела“ минималната плата договорена со властите, а бараното линеарно покачување од 2.800 денари веќе е беспредметно и ССМ ќе бара поголемо.

Од ССМ најавуваат дека во петок ќе донесат одлука за генерален штрајк, кој според Димовски е неминовен, посебно откако Владата не ги продолжи антикризните мерки и се очекува нов бран поскапувања, кои уште повеќе ќе ги однесе работниците на работ на егзистенцијата.

Поврзани новости