Првпат во македонската Влада, нема ниту еден министер Турчин, Ром, Србин, Влав или Бошњак, вели поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и додава дека ова е и еден од поголемите ризици за политичката иднина на државата.
-Македонија доби бинационална Влада. За првпат после децении, Република Македонија доби Влада во која членуваат само министри Македонци и Албанци, напиша тој на Фејсбук.
Димовски појаснува дека според пописот во 2002 година, кој е и последен попис, околу 10 отсто од граѓаните во земјава се припадници на помалите етнички малцински заедници, но треба да се има предвид нивното значење во градењето на државата кое е забележливо уште од првото заседание на АСНОМ.
-Овие етнички малцински заедници секогаш и секаде биле горди и лојални граѓани на Република Македонија. Жалам што овој елемент на суштинска слабост на Владата, или намерна поставеност, не доби на поголемо внимание минатите денови. Партиите на помалите етнички заедници што и понатаму, во вакви околности, ќе останат во лојална коалиција со СДСМ докажуваат дека имаат дефицит на политичка сила за вистинско застапување на своите членови и гласачи, вели Димовски.
Според него, од висок државен интерес е ВМРО-ДПМНЕ да понуди политичка платформа за интеграција на интересите на граѓаните припадници на помалите етнички заедници кон својата борба за еднакви права на сите граѓани, а со тоа и зачувување на унитарниот карактер на државата и мултикултурниот карактер на општеството.
-СДСМ докажа дека нема никаков политички интерес и капацитет да работи за интересите на помалите етнички малцинства, бидејќи се однесува кон Македонија вака како што покажува кога е на власт. ДУИ докажува дека не ги ни забележува дека постојат овие 10 отсто од наши сограѓани, додава тој.