Димовски: Партиски работници живеат на грбот на колегите кои вистински работат

by Fokus

Во администрацијата имаме работници кои не одат на работа и тие се баш партиски работници. А тој што вистински работи на своето место има поголем обем на работа, бидејќи работи и за колегата кој не оди на работа, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Тој во разговорот потенцира дека ако треба да се избере Меѓународниот ден на трудот треба да се обележи со протести а не со скара.

-Дефинитивно протести, за потоа тоа да прерасне во едно општо задоволство дека ние работниците денеска ќе се собереме и да ги бараме нашите права согласно закони и колективни договори и да пратиме до нашите народни избраници, работодавачи и Владата една јасна порака дека бараме повисоки плати во оваа економска, енергетска и по ново воена криза, за да може да опстанеме како работници и она што го работиме да биде вреднувано достоинствено, вели тој.

Тој ги демантира критиките на опозицијата дека владата се обидува преку синдикатот да ги минира преговорите на СОНК и другите синдикати.

-Мене лично како Дарко Димовски, како претседател на Сојуз на синдикати на Македонија, ми е јасно дека ниту владата, ниту опозицијата не сака да има јак синдикат. Зошто за опозицијата го кажувам тоа? Бидејќи ние ги решаваме оние проблеми од работен однос во интерес на работниците. Јасно ми е дека тогаш опозицијата нема што да критикува, бидејќи ние како Сојуз на синдикати на Македонија, сè што ни беше зацртано – Недела неработен ден, плус зголемување од минимум 50 отсто на дневницата за оние што работат во недела, потоа минимална плата од 18 илјади денари, и сега новата методологија за скалесто покачување на останатите плати и правото кога, баш во 2008 година кога еден несреќен министер и еден несреќен синдикат, се изгуби правото на регрес во јавниот сектор или актуелното К-15, вели тој.

Според него до овој месец до Сојуз на синдикатите стигнале преку 4.800 пријави на правни субјекти или вкупно се работи за преку 15 илјади работници, како во јавниот, така и во приватниот сектор.

-Најголемо жалење во јавниот сектор е дека тоа право се прекршува во здравствените установи, во јавните комунални претпријатија и во дел од компаниите кои се занимаваат со енергетика. А во приватниот сектор најголемо прекршување има во секторот трговија, онаму каде што некои несовесни работодавачи ги повикуваат работниците тој ден на работа, ги прикриваат и несоодветно ги плаќаат за тој ден, бидејќи немаат начин како да ги платат затоа што не се предвидени во дејностите за работа во недела, вели Димовски.

Тој додава дека во администрацијата треба да се случат сериозни реформи, бидејќи таму има  работници кои не одат на работа и тие се баш партиски работници.

– Знаеме дека институциите преминуваат во прегратките од една во друга партија кога доаѓаат на власт. И има една голема демотивација меѓу тие работници и за тоа се добива таков впечаток дека администрацијата ништо не работи. Не, напротив, администрацијата работи и повеќе од тоа што треба, бидејќи работи и за колегата кој не оди на работа, а тој што вистински работи на своето место има поголем обем на работа. Оној што навистина треба да се критикува тоа е оној што ја води таа институција или установа, односно раководството. Ако некој дозволи за време на работно време некој да не биде на своето работно место, да се пие кафиња, како што велат, зад шалтерите, и да не ја работи својата работа, треба навистина да ставиме способни луѓе и менаџери кои навистина ќе знаат да ја работат работата, а не само да имаат партиска книшка и потоа да станат функционери, политичари или како што јас ги вика, поликанти или раководни лица на тие институции, вели тој.

Поврзани новости