Димовски спрема реформи во ССМ после Живко Митревски

by fokus

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го прогласи за ништовно решението на претходниот министер, Ибрахим Ибрахими, со кое се поништува одлуката на екс министерката, Фросина Ременски, за избор на нов претседател на Сојузот на синдикати на Македонија. Со тоа останува на сила решението на Ременски со кое на местото прв човек на ССМ седнува, Дарко Димовски.

Димовски вели дека останува уште Централен регистар да го впише решението со што почнува неговиот мандат како прв синдикалец во земјава.

-Решението на Царовска е на сила. Се спремаме да го реформираме ССМ, да ги вратиме избрканите синдикати, да си направиме реформи и да почнеме подобрување на работничките права како и враќање на дел од тие права изгубени за време на квази претседателот Живко Митревски – вели Димовски за „Фокус“.

Битка која се водеше помеѓу новоизбраниот претседател и Митревски трае од ноември минатата година кога Советот на ССМ донесе одлука да го разреши Митревски и на негово место да го стави дотогашниот секретар на советот. Тогашната министерка, Ременски, ја прифати одлуката како полноважна, но откако Ибрахими седна на министерката фотелја го поништи решението на неговата претходничка.

Димовски вели дека министер не може да поништува решенија и акти од тој вид, туку дека таква надлежност има само Управниот суд. Од тие причини Царовска го прогласила решението на Ибрахими за ништовно.

Инаку, неодамна, и Врховен суд одлучи во прилог на жалбата на синдикатите со што Димовски станува легитимен в.д. претседател. Со одлуката Врховен побара од Управниот суд да му наложи на Централниот регистар да го впише името на новиот в.д. претседател.

Во меѓувреме Митревски од Сојузот исклучи неколку синдикати кои гласаа за негово разрешување. На нивните членови им беше забранет влез во зградата на ССМ, која деноноќно беше под обезбедување и во која немаа пристап ниту новинарски екипи.

Поврзани новости