Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара од претседателот Ѓорге Иванов да стави вето на, според него, штетниот дезинтегрирачки, дискриминирачки и неуставен законот за јазици. Доколку во таква ситуација парламентарното мнозинство повторно го изгласа законот, Димовски најавува дека ќе го оспори пред Уставниот суд.
„Нашите сограѓани имаат потреба од прецизирање, имплеметирање, па и подобрување на употребата на албанскиот јазик, но таква потреба имаат и Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите. Ние мораме да покажеме разбирање и спремност за таквите барања. Но, човековите и јазични права не се срамни и не се за под тезга како постапката за носење на овој закон. Зошто тајно, зошто исклучиво, зошто со злоупотреба на европско знаме, зошто без јавна расправа, зошто без професори, факултети и институти, зошто поените на партиите се позначајни од потребите на граѓаните. Овој документ не треба да помине, а сите треба да работиме на документ во согласност со меѓународните стандарди, во согласност со Уставот и врз база на суштинските потреби на нашите сограѓани“, напиша Димовски на фејсбук.
Тој истакнува дека законот е донесен како плод на партиски пазарења помеѓу партиите, а не како плод на суштинска, длабока и сеопфатна анализа на реалните потреби на помалубројните етнички заедници. Според него, овој закон ја загрозува позицијата на македонскиот јазик во Република Македонија, но и ја загрозува унитарноста и иднината на нашата држава.