Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник во Собранието, Љупчо Димовски си замина со приватно возило по распитот во Кривичниот суд во Скопје, во врска со доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште.
Претседателот на Мандатно имунитетната комисија, Павле Богоевски, во телефонски разговор за Телма рече дека мора да се испочитува процедурата за одземање на имунитетот на пратеникот Димовски, бидејќи тој е актуелен пратеник и дека Собранието ќе го запази рокот од три дена, а најверојатно во понеделник ќе го разгледа известување од судот дека против Димовски се води истражна постапка.
Во Кривичниот суд, судија на претходна постапка се уште одлучува по предлогот на надлежен јавен обвинител за определување мерка притвор за тројца од четворицата поранешни министри и заменици министри за земјоделство осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.
– Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)., информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во соопштението од Обвинителството не е наведен идентитетот на осомничените, но дел од медиумите објавија дека станува збор за поранешните министри Ацо Спасеновски, Михаил Цветков, Љупчо Димовски, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев.