Кога Владата ќе им каже на граѓаните дека неповратно се изгубени 15,5 милиони евра од ИПА фондовите? Исто така, 18 милиони евра од ИПАРД агенцијата во Македонија се дадени на Светска банка, за да не се изгубат. Македонија постојано губи поради некадарноста на институциите и Владата. Со вакви обвинувања на сметка на ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе Лидија Димова, претседателка на Комисијата за европски прашања во СДСМ.
– Владата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да демонстрира дека државата, е исто што и партијата и тоа во пресрет на европскиот извештај за напредокот на Република Македонија за 2014 година. Освен мешањето на државните со партиските активности на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, на јавноста и се скратени основните информации. Власта очигледно знае само да ги задолжува граѓаните на Македонија. Решението е во Програмата на СДСМ – предложивме ИПА средствата да бидат достапни за европеизација на општеството. Тоа значи да стигнат до училиштата, претпријатијата, земјоделците, синдикатите, до младите, до граѓанските организации – истакна Димова.