Министерството за образование поднесе кривична пријава за злоупотреба на средства од фондовите на Европската унија од страна на Националната агенцијата за европски образовни програми.
Ова го истакнаа од Антикорупциската комисија од каде велат дека постои предмет за злоупотреба на фондовите на Европската унија од европските програми Еразмус плус, Еуридика, Еуропас и Еурогајденс.
Директорката на Националната Агенцијата Лидија Димова, пак за ТВ21 тврди дека не се работи за злоупотреби од нејзина страна, туку дека тоа е сторено од претходното раководство.
„Точно е дека е пријавен недостиг на средства во благајната на Националната агенција. Тој недостиг на средства е пријавен од Националната агенција кон МОН како национален авторитет, меѓутоа Националната агенција е таа која што прва постапи. Значи ние постапивме со тоа што лицето кое што е директно одговорно за недостаток на парите од благајната прво го отстранивме од работното место па потоа имавме кривични пријави и тоа не кон едно лице туку кон две лица.“, изјавија Димова.