Пратеничката од СДСМ Лидија Димова вели дека со кратењето на околу 100 милиони евра од фондовите ИПА наменети за Македонија, државата покажува дека е неспособна со менаџирањето на европските фондови.
Таа потенцира дека ако како држава се испраќа порака дека немате капацитет да ги апсорбирате ИПА-средствата, кредитите од другите финансиски институции ќе бидат поскапи, бидејќи се покажува дека државата е ризична за кредитирање.
-Неискористувањето на европските фондови е индикација за движење на работите во државата. Се испраќа порака дека Владата нема административен и апсорпционен капацитет за да ги искористи европските пари, што негативно влијае врз имиџот на државата. Во тој случај и кредитите што ќе ги земете како држава ќе бидат поскапи и кредиторите ќе ве сметаат како ризично подрачје за да ви даваат кредити. Доколку имате голема искористеност на ИПА-фондовите, ќе имате и помалку кредити – вели Димова.
Таа додава дека главна причина за санкциите од ЕУ е неискреноста на власта во процесот на евроинтеграциите.