„Националната агенција не финансираше фризерница (иако и тоа е дозволено и се правело во минатото), туку го финансираше претријатието „Вредност на европско знаење“, чијшто скратен назив е В.Е.З. Трејд. Исто така, не е точен наводот дека Вредност за европско знаење, односно В.Е.З. Трејд не постои во Централниот регистар на РСМ. Седиштето на оваа фирма е токму на адресата која ја посочува новинарот, каде по некоја случајност во овој момент се обавува фризерска дејност, бидејќи лицето кое го користи тој локал ја обавуваа таа дејност. Но, фризерот кој ја обавува таа дејност ниту е Зоран Златковски, ниту тоа лице има каква било поврзаност со грантовите на Еразмус + програмата. Новинарот ја побара оваа информација и таа му беше дадена, но сепак реши да објави нешто сосема друго“, вели Димова.
Таа додава дека Еразмус + проектите се финансираат според строги процедури пропишани од Брисел, а не од директорката, или партијата или министерството или од кое било друго лице или тело.
„За да се одобри определен проект, одлучуваат неколку нивоа: програмските службеници прават техничка проверка, потоа следува евалуација од надворешни соработници (ако проектот е над 60.000 евра, или ако се работи за КА2 акција проектот го оценуваат двајца надворешни соработници). Се прават ранг-листи според освоени бодови на проектите по акција и тие заедно со резимеата од проектите се разгледуваат од страна на Комисијата за евалуација во која членуваат претставници од пет институции. Годинава поради воведувањето на националните приоритети, и во обата повика, учествуваа и преставници од Министерството за образование и наука, како набљудувачи. И последното ниво на одлучување е директорката. Напоменувам дека ова дискреционо право никогаш не сум го искористила досега“, објаснува Димова.
Таа најави тужба за клевета, бидејќи, според неа, со непроверени и манипулативни информации се креира и погрешна слика кај меѓународните институции, донатори на овие грантови, а со самото тоа и на државата.