Димов: Праксата ќе покаже дали измените во Законот за извршување се добри

by fokus

Собранието по скратена постапка, вчера, ги усвои измените во Законот за извршување, со кои, меѓу другото, се доуредува постапувањето на извршителите. Тие нема да можат присилно да извршуваат кај граѓани кои се корисници на гарантирана минимална помош од социјалната заштита, а се намалува и износот на сумата која може да биде задржана.

Наместо досегашните 1/3 од плата или пензија, извршителите отсега ќе можат да задржат 1/5 од месечните примања на лицата приматели на просечна плата и пензија, oд надоместот на трошоци за сместување на лице и од надоместокот за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија.

Зоран Димов, претседател на Комората на извршители, вели дека измените се поволни за граѓаните, а на сметка на доверителите. Сепак, појаснува дека треба да се почека за да во пракса се види како ќе функционираат новите законски измени.

-Измените се поповолни за граѓаните, бидејќи ако досега за долг од 10.000 денари месечно се извршуваа по 3.000 денари, сега ќе се одземаат по 2.000 денари, вели Димов за „Фокус“.

Тој додава дека допрва ќе го разгледаат новото законско решение, на ниво на Управен одбор, а потоа ќе се произнесат.

-Треба да се остави време, зошто во пракса најдобро ќе се види како ќе функционираат измените, вели Димов.

На крајот на 2019 година се организираа протести против извршителите, а тие пак исто така го кремаа гласот кога се отвори прашањето за законските измени.

В.В.

Поврзани новости