Со показна вежба на специјалните единици на МВР и едноминутна почит за загинатите припадници, како и доделување плакети за дипломатскиот кор во знак на благодарност за досегашната успешна соработка и континуирана поддршка во справувањето и надминувањето на последиците од коронавирусот КОВИД-19 и на припадниците на Министерството за догогодишна успешна работа, денеска во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ во Скопје беше одбележан 7 Мај, Денот на македонската полиција.
На една од показните вежби на полициските сили кои симулираа како изгледа напад и одбрана од непријател, една од димните бомби заврши на трибините каде што седеа дипломатите и новинарите.
Плакети им беа доделени на Мисијата на ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ и на амбасадите на Хрватска, НР Кина,САД, Унгарија, Словенија и Чешка, како и на повеќе вработени во МВР.
– Македонската полиција не само во контекст на актуелните кризни случувања, туку и пошироко во сите други домени на своето работење ќе остане непоколеблив гарант во заштита на уставно-правниот поредок на спроведувањето на законите, на личната и имотна сигурност на секој наш човек. Денешниот празник го обележуваме во едни поинакви околности коишто ни даваат јасен увид за значењето и улогата на полицијата и во кризни состојби како што е впрочем актуелната пандемија со КОВИД-19, рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во поздравното обраќање.
На свеченоста присуствуваа и дополнителниот заменик-министер Славјанка Петровска, заменик-министерот Агим Нухиу и државниот секретар Магдалена Несторовска.