Никогаш не е доцна да се интервенира, но, сепак, ќе почекаме да видиме како ќе се одвива откупот, како ќе одат цените, каков ќе биде квалитетот, како ќе заврши бербата. Кога ќе излеземе со предлог од наша страна, би оставил на време и на дијалогот што го имаме со производителите, рече денеска министерот за земјоделство Трајан Димковски во врска со барањето на лозарите Владата да им даде по два денара поддршка за килограм грозје.
Според Димковски, најлесно е ако, се одлучи, да се обезбеди директна поддршка за лозарите, но секаква егзибиција нема да го даде очекуваниот резултат.
Димковски потврди дека нашето грозје е најевтино, но, во овој контекст, напомена, мора да се земе предвид видот и квалитетот на родот. Затоа, порача, неопходни се договори меѓу лозарите и винарите, производството да се планира и да се прилагодува на потребите.
-Кога разговараме за она што ќе се случува, би оставил простор зашто сме во комуникација со лозарите. Сакаме да видиме како ќе тргне бербата иако се очекуваше повеќе понудено грозје од она што го бараат винариите. Инаку, во пазарната економија има пазарна цена, не можеме да зборуваме за минимална, туку за производна. На барање на лозарите, вчера ја добивме пресметката од факултетот „Гоце Делчев“. Таа покажува дека на приноси од 15 тони, цената е 10,7 денари. По површина, Владата веќе субвенционира 40.000 денари за хектар, а со тоа контрибуира во производната цена, истакна министерот, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на првите ИПАРД 2 договори за модернизација на земјоделските стопанства.
Во врска со ставот на лозарите дека домашниот пазар на грозје е црна дупка во Европа, Димковски сподели искуство од саем што неодамна го посетил.
-Дека нашето грозје е најевтиното, тоа може да се каже, но сепак бино е за што зборуваме, за каков квалитет и кој вид на грзоје. Бев на саем, прашав како се движи цената, ми рекоа околу 80 центи, но зборуваме за приноси од четири тона по хектар. Затоа кај нас е неопходен дијалог меѓу производителите и винариите, да се планира, да се договори каков вид, каков квалитет и кога да биде бербата, посочи министерот.