На протестот против пресудата за новинарот Томислав Кежаровски, кој тргна од апелација а заврши пред владата, се обрати еден од членовите на иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски и главен и одговорен уредник во медимот во времето кога новинарот беше уапсен, Зоран Димитровски.
– Утрото кога го уапсија Кежаровски, ми се јави трубадур на власта да ми каже дека уапсиле новинар. Се смееше, сеиреше, а знаеше оти е во прашање новинар од весникот каде што сум главен уредник. Таков е нивниот табиет, драги колеги. Нелуѓе се тие! Се смеат и ликуваат на туѓата несреќа. Затвораат новинари, апсат политички неистомисленици, ништат семејства, понижуваат професори, интелектуалци, земјоделци и студенти што не сакаат да играат по нивната музика – и потоа слават! Како оние дивјаци од Исламската држава се! Во името на нацијата сечат умни глави, кастрат медиуми, лустрираат, затвораат слободумни луѓе и пеат! Багра во име на нацијата од Македонија изградија монструм! Првиот балкански калифат во Европа! Кој не им чини – сатарот! – рече Димитровски.
Тој им порача на присутните да не се надеваат нивно дека ќе го ослободат Кежаровски, бидејќи сите треба да бидат свесни со кого си имаат работа.
– Зошто протестирате – ме прашува еден пријател! Зарем од џелатите барате да ви ја поштедат главата? Или можеби сакате да преговарате за тоа како ќе ви ја дерат кожата!? Не, не! Не сме наивни, знаеме со кого си имаме работа. Не очекуваме милост, знаеме на што се се спремни! Видовме досега и лисици и зандани, видовме затворени весници и телевизии, медиумски газди во апс, новинари на улица, понижени и посрамени. Сакаат фамилиите да ни ги затворат, семето на слободата да ни го сотрат, вампирски крвта да ни ја испијат! Ѕверови се тие! Ама, тука сме за да не им го дозволиме тоа! – порача Димитровски.
Тој додаде дека луѓето што излегле на протест упатуваат јасна порака дека не се плашат и дека не прифаќаат неправедна милостивост.
– Му пресудија на Кежаровски две години зандана, а побараа да им речеме – фала ви што сте толку милостиви, да му целиваме рака на пастирот. Да ја славиме неговата добродетел! Демек, Мајка Тереза бил тој!? Син на мајка! Маската одамна му е симната, еве каков е! На кого да му целиваме рака? На овој неранимајко што не цензурира, катаден не казнува, не понижува, ни куси од лебот, од хонорарите, од правдата, од слободата, не апси и ни се заканува, јавно не жигосува како предавници, не камшикува, не срами дома и по светот… Нему ли да му целиваме рака? Скраја да е, колеги и граѓани! Не дојдовме да му кажеме евала на овој кабадахија кој им вети на европските посланици дека Кежаровски ќе биде на слобода и стопати ги излажа. Дојдовме да му порачаме оти не му се плашиме – нагласи Димитровски.
Тој истакна дека немаат намера за се пазарат за пресудата на Кежаровски со оној кој се крие зад судиите и обвинителите, додека практично е врховен судија во државата.
– Знаеме оти не ги цени слободата, демократијата, човековите права. Знаеме дека за него ништо не значат ниту физичката слобода на луѓето, ниту животот. Дојдовме да му кажеме дека меѓу нас има и леви и десни и верници и атеисти, ама ние за разлика од него, ги цениме слободата и правдата! Нам тие ни значат исто колку и семејството и татковината во кои се колне. Дојдовме да му кажеме оти сите во светот веќе го знаат дека е тиранин, дека неговите лаги поминуваат уште само онаму каде што владее стравот што го шири неговото злосторничко здружение. Дојдовме да му кажеме дека ние одамна го победивме стравот! Дојдовме да му се насмееме в лице и да му порачаме оти Кежаровски ќе издржи, а нашата борба за слобода ќе продолжи. Немаме намера да се пазариме, не сакаме да бидеме лажно пристојни и да му речеме оти не сме против него. Не! Против него сме, решително сме против него и ќе бидеме се повеќе ако тој слободата ја множи со нула, ако не сака да го чуе нашиот глас. Дојдовме да му кажеме оти тој и неговите се минливи, а слободата и правдата се вечни! – заврши тој.