Министерот за надворешни работи, Никола Димитров на денешната прес-конференција истакна дека е среќен што е дел од споделувањето на добри вести, односно со историската одлука за отпочнување на преговори на Северна Македонија со ЕУ.
„И покрај вонредните околности предизвикани со корона вирусот, особено цениме дека ЕУ најде волја да даде признание за досега сработеното. Северна Македонија по седењето во чекалната од 15 години, конечно продлжува успешно по европскиот пат. И досега, а отсега уште повеќе од нас самите зависи. Северна Македонија конечно и безусловно ги почнува преговорите. Би сакал на вас македонски граѓани од срце да ви честитам на успехот, кој не дојде лесно и кој не ни е подарен. Ние и вие заслуживме да докажеме дека припаѓаме на европското семејство. Го склучивме Преспанскиот договор со опструкции од внатре и од надвор. Време е ние политичарите да ви се заблагодариме на вас граѓаните на успехот. Погледнете ги вашите најблиски и бидете горди дека отворивме нова перспектива за нашите поколенија – додаде Димитров.