Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за „360 Степени“ на Алсат, зборуваше за извештајот на Европската комисија кој треба да биде објавен пролетва, носењето на законот за СЈО како еден од условите за позитивен извештај и почеток на преговорите со ЕУ, и што би се случило доколку законот не се донесе.
– Мислам дека мора да се донесе законот. Мислам дека ситуацијата во Европа, од Брегзит, од претстојните избори за Европскиот парламент, од дебатите за буџетот, од дебатите за иднината на Европа и внатрешните реформи… ние мора, за да си ги зголемиме шансите за успех и конечно да почнеме пристапни преговори со ЕУ, пристап до кохезивните фондови итн, да им направиме на сите земји членки, непријатно тешко да не не поддржат. Не смееме да оставиме прашање што може да биде изговор или основа за негативен став. Ние успеавме и потешки прашања, да ги споменам амандманите на Уставот итн. Мора да бидеме на значењето на овој момент – рече Димитров.
Тој рече дека ЕУ ќе го доведе во прашање својот кредибилитет доколку не ја валоризира нашата успешна приказна со домашните реформи и решавањето на отворените прашања со соседите.