Министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за Независната балканска новинска агенција изрази убеденост дека граѓаните ќе го поддржат Договорот од Преспа.
-Уверен сум дека дури и оние, од двете страни, што се противат на договорот, од историска перспектива, ќе прифатат дека ова е важен чекор напред, бидејќи носи многу придобивки. Ние сме соседи, не можеме да го смениме овој факт, историјата не може да се промени, но можеме да влијаеме на нашата иднина и да ја направиме подобра. Многу е лесно политичарите да живеат од овој спор, но неговото решавање создава подобар живот за граѓаните од двете страни – вели Димитров.
Во однос на реакциите во Грција за употребата на термините „Македонци“ и „македонски“, Димитров вели дека овие термини во двете земји имаат различно значење, истакнувајќи дека „правото на самоопределување е нешто што не може да се оспори во 21-от век во Европа“.
-И јас и мојот пријател Никос Коѕијас сме убедени дека она што го правиме е да инвестираме во нашето пријателство, бидејќи ние сме природни сојузници. Со соодветна политика, за неколку години, сите дилеми ќе исчезнат и сите ќе се прашуваме како не сме го сториле ова на почетокот на деведесеттите години и зошто ставивме една цела генерација да е подложена на овој спор. Наше е конкретно достигнување кое де факто создаде солидарност и убав мост на пријателство – изјави шефот на македонската дипломатија.