За нас прашањето за македонскиот јазик е затворено и кај нас и во светот, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за емисијата Трилинг на ТВ 24.
Неодамна имал телефонски разговор со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, тој ги презентирал нашите позиции, а таа нивните.
-За нас прашањето на македонскиот јазик е затворено и кај нас и во светот и многу тешко ќе биде да се гради блискост и пријателство ако на таков тип на прашања имаме предизвик од соседот. Мислам дека тоа оди во друга различна насока. Во самиот Договор за пријателство, соработка и добрососедство во преамбулата зборува за меѓусебна почит. Македонскиот јазик во тој билатерален договор има апсолутна иста позиција и статус со бугарскиот јазик. И клаузулата за јазиците вели- овој договор е напишан на македонски јазик согласно Уставот на тогаш Република Македонија и на бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија. Таа формулација важи само за билатералните односи, наведе Димитров.
Тој порача и дека ниту една држава нема правен основ нам да ни кажува сега нешто во однос на нашето име и македонскиот јазик.
За потребата од одржување на парламентарни избори, шефот на дипломатијата повтори дека ни треба Влада со полн политички мандат, како и Собрание.