Димитров за „Фокус“: Зимата ќе ја крпиме ден за ден, власта уште ништо не договорила за енергенсите

by Fokus

Точно е дека Владата и претставниците беа на состаноци и потпишаа меморандуми за снабдување со јаглен, мазут и струја, но реалноста е поинаква бидејќи досега потпишан договор за снабдување со енергенси по октомври нема, а со тоа нема ниту стабилност за зимскиот период како за граѓаните така и за фирмите, вели за „Фокус“ професорот Константин Димитров.

-Ќе крпиме од ден за ден, така ќе биде зимата. Доцниме со се, овие средби Владата требаше да ги има уште минатата година или најдоцна летото, а сега веќе камионите да пристигнуваат со јаглен и мазут. Прво велеа Косово, сега одеднаш Грција, додава тој.

Според него ако предвидените количини не се ставени на хартија, тогаш се само празни зборови и остануваат на „ќе“, а тоа ќе не знаеме кога ќе се случи додава тој.

Од ЕСМ  пак за „Фокус“ велат дека се очекува стабилно производство на електрична енергија иако не појаснуваат колку би бил трошокот за транспорт и која би била цената по која би набавувале јаглен.

-Набавката на енергенсите од Грција се спроведува по конкурентни цени. Трошоците за транспорт на енергенсите се вклучени во понудата на економскиот оператор, како интегрален дел од единствената крајна цена на услугата. Јаглен, мазут и природен гас за потребите на електраните на ЕСМ е набавен, односно последните набавки се склучени во јуни и испораките од нив течат, а во моментов се спроведуваат набавки за нови количини кои ќе се испорачуваат во следните месеци, велат од ЕСМ.

Во одговорот додаваат дека се набавува јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј, за нив исто така набавуваат и мазут за поддршка на процесот, а за ТЕЦ Неготино пак се набавува мазут како основен енергенс за работа, како и гас за когенеративната електрана Енергетика.

-Дополнително ќе треба да обезбедиме гас и за парното греење во Скопје, кое како обврска и официјално го презедовме преку нашите новоформирани фирми за топлинска енергија. Во сите разговори кои ги водиме како држава со околните земји, акцентот е ставен на тоа границите во регионот да останат отворени за проток на енергенси во текот на грејната сезона. Засилено се врши ископ и на сопствен јаглен и се работи на отворање нови наоѓалишта, додаваат во одговорот.

Според информациите кои претходно  јавно ги сподели директорот на ЕСМ  Васко Ковачевски досега има договори за околу 300.000 тони јаглен од Грција, цената се движела околу 55 до 62 евра , во зависност од калоричната вредност. Тоа е јаглен со слични карактеристики и подобри од нашите, затоа што нашите рудници се во завршна фаза. Нашиот квалитет се движи околу 1350 килокалории, нивните се над 1650 до 1800-тини. А превозот го вршеле за околу 15 евра  а сега е околу 25 евра од тон. Значително е зголемен заради зголемувањето на цената на горивата, на дизелот, додаде тој.

-Денеска договаравме за наредните 12 месеци, да имаме испорака по отприлика 80 000 тони јаглен на месечно ниво, примарно за потребите на РЕК Битола, но дел од количините може да бидат користени и во РЕК Осломеј. Тоа значи дека за 12 месеци треба да обезбедиме околу 1 милион тони јаглен, по цена која ќе биде конкурентна. Разговаравме за количини кои ќе бидат потребни од ноември до крајот на април, значи 7 месеци и негде месечно нас ќе ни требаат околу 30 до 35 илјади тони, значи вкупно 250 000 тони мазут додека трае грејната сезона.“ изјави Ковачевски по средбите во Грција.

Соња Танеска

 

Поврзани новости