Димитров за Фокус: Само коалицијата „Можеме“ нуди надеж, поразот на опозицијата ќе биде добар и за нив

by Фокус

Можеби не бевме идеални на секое поле, правевме и грешки, но државата застана на нозе и направи големи чекори напред, вели министерот за надворешни работи и носител на пратеничката листа на СДСМ во првата изборна единица, Никола Димитров, во мини-интервју за најновиот број на неделникот Фокус.

-Меѓу назад кон слепата улица и напред кон успешна европска демократија мислам дека изборот на граѓаните не е тежок. Поразот на опозицијата ќе биде добра работа не само за државата туку и за самите нив – дека се нужни длабоки реформи во нивната матрица. Македонската демократија денес по сите извештаи е неспоредливо послободна од времето на нашите претходници. Од состојба на страв од власта, сега власта го слуша гласот на народот. Се зачленивме во НАТО, удирајќи печат на нашите граници, ставајќи точка на неизвесноста. Добивме зелено светло од ЕУ. Притоа, го афирмиравме македонскиот идентитет и го потпишавме првиот договор со Грција на македонски јазик. Од минус економијата отиде во плус. Рекордни странски инвестиции, поголеми плати, помалку невработени. Во првата изборна единица победата ќе биде особено убедлива. Гласачите бараат правда и функционални институции, чист воздух, добри училишта и добро здравство. Бараат повеќе. За жал, на овие избори коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ е единствената опција која воопшто нуди надеж – вели Димитров.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Како очекувате дека гласачите ќе го вреднуваат вашиот придонес во процесот на постигнување на Преспанскиот договор, со кој се затвори долгогодишниот спор со Грција околу името и се деблокираа евроатланските интеграции на земјава? Во однос на ова прашање постои голема поделеност на политичко ниво, која се прелева и во целото општество, па дали, според вас, превагнуваат оние што сметаат дека станува збор добар договор што отвора перспективи или за лош договор поради превисоката цена?

ДИМИТРОВ Поделеност постои затоа што опозицијата кумуваше на бојкотот на референдумот. Тој ќе беше успешен, бидејќи граѓаните гласаа „за“ со рекордно политичко мнозинство. За да биде успешен, фалеа гласовите против. Поделеност постои бидејќи Преспанскиот договор е се уште цел на лажни вести и манипулации. Нека кажат дали македонскиот јазик не е во членот 1 или пак македонскиот народ во членот 7. Патриотизмот значи преземање на одговорноста да се решат најголемите проблеми на нацијата, притоа штитејќи го најважното. Зборовите на медијаторот, Метју Нимиц дека по Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци, кои говорат македонски јазик“ се најдобар доказ за исполнувањето на нашата мисија. Го избравме правиот пат, што за само две години ни го донесе членството во НАТО и пристапните преговори со ЕУ. Конечно се ослободивме од навредливата придавка “бивша” или “поранешна” и го финализиравме процесот и државната лична карта во светското семејство на ОН. Што нуди другата опција? Подобар договор сигурно не! Повеќе споменици, можеби?

ФОКУС Во последните изборни циклуси се забележува тренд најголемите партии во првата изборна единица, која главно го опфаќа урбаното јадро од Скопје, да кандидираат непартиски или натпартиски личности. Дали сметате дека тоа е обид да се мобилизираат што поголем број на гласачи или тоа е резултат на падот на довербата во партиите, што го покажуваат повеќе анкети?

ДИМИТРОВ Мојата партија е каузата. Често велам „ќе не биде“, како отпор против малодушноста и тезата дека не можеме. Можеме и ќе бидеме победници, а не жртви. Ниту македонскиот народ ниту деловите на другите народи, нашите сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, не се ништо помалку способни и вредни од било кој друг народ низ развиените држави. Во СДСМ под лидерство на Заев, препознавам решителност да се оди напред и затоа сум почестен со довербата да бидам носител на ИЕ1. Меѓу другото, тоа е на линија и на односот на владата со невладините организации и граѓанските активисти. Отвореност за критика и поправка, отвореност во политиката да се вклучат луѓе вон партијата. Секако, со ваков приод се цели и да се стекне довербата на неопределените гласачи.

ФОКУС Кои се главните фактори што сметате дека ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада? Што, според Вас, ќе биде пресудно при формирање на новата влада – постигнатиот резултат, компатибилноста на програмите, политичките компромиси…?

ДИМИТРОВ Мислам дека нацијата бара искреност и способност. Времето на политички флоскули на старата политика е во залез. Јас ќе настојувам да не бидам дел од валкањето на другиот. Сакам во кампањата да се занимавам со проблемите на граѓаните и нивното решавање, со визии и со идеи, наместо со опозицијата. Кој ќе формира влада ќе зависи пред се од изборните резултати, но и од капацитетот за коалицирање и компатибилниста на изборните програми понудени на граѓаните.

ФОКУС Кои прашања ќе доминираат во текот на кампањата? Дали клучно ќе биде справувањето со здравствената и економската криза или ќе се обидете да наметнете и други теми, и кои би биле тие?

ДИМИТРОВ Справувањето со здравствената криза и нејзините економски последици секако е една од големите грижи на граѓаните. Тука е и економскиот стандард, но и жедта за правна и средена еколошка и социјална држава со квалитетно образование за сите. Со оглед на тоа што главната алатка за напредок во овие области, за европски живот дома се пристапните преговори, мислам дека членството во НАТО и евроинтеграциите исто така ќе бидат високо на листата на приоритети на гласачите.

Целата сторија во која се обработуваат првата и втората изборна единица прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости