Димитров за Фокус: Досега не се случило увозот на струја да биде 50 отсто

Производните термоенергетски капацитети не се одржуваат во добра кондиција, нема доволно суровина (јаглен) за нивна нормална работа, не се планира соодветно купувањето на јаглен и мазут, вели тој за неделникот Фокус.

by Фокус

Сѐ што се случува во секторот енергетиката ги следи основните принципи на слободен пазар, т.е. цените се определуваат во зависност од понудата/побарувачката, вели универзитетскиот професор Константин Димитров во разговор за последниот број на неделникот Фокус, коментирајќи ја енергетската криза која настана поради недоволното домашно производство на струја и драстичното зголемување на нејзината цена на меѓународниот пазар.

-Побарувачката треба да се засновува врз проценката за потребите на државата од поедини енергенси на подолг период (течни и гасни горива), купување на електрична енергија со однапред дефинирани цени, складирање на гориво (течно и гасно – ако се обезбедени такви капацитети), долгорочни договори за купување јаглен, годишни договори за купување палети или деланки. При зголемена побарувачка, расте цената на понудените енергенси – вели Димитров, кој е член на претседателството на Центарот за енергетска ефикасност.

Тој објаснува зошто всушност пораснала побарувачката, а со тоа и цената на струјата. Прво, посочува Димитров, побарувачката расте ако се намали производството на електрична енергија, на пример, преку затворени нуклеарни електрани, ветерни електрани итн. Исто така, според него, тоа се случува поради зголемена цена за емисијата на јаглен диоксид на ниво од 60 евра за тон, што ја прави неекономична цената на производство преку термоелектраните.

-Понатаму, побарувачката е зголемена поради заживување на стопанските активности во постковид-ситуација во цел свет, но и поради прекин или редукција на снабдување со енергенси за производство на електрична енергија – вели Димитров, кој во таа насока ги наведува техничките проблеми во Јамал за испорака на природен гас кон Европа, зголемена испорака на течен гас од Алжир и САД кон Азија заради поголемата побарувачка и со тоа повисоката цена, итн.

Според него, проблемот лежи во тоа што 50 отсто од потребната енергија ја увезуваме, што досега никогаш се нема случено (највисоко ниво било 30 отсто). Тоа, како што вели, е поради фактот што производните термоенергетски капацитети не се одржуваат во добра кондиција, нема доволно суровина (јаглен) за нивна нормална работа, не се планира соодветно купувањето на јаглен и мазут и др.

-Ќе дојде до зголемување на цената во наредниот период и купување зголемено количество на енергенси што се складираат. Цената на енергенсите е во силна корелација со цената на електричната енергија, тие се како „сврзани садови“. Ние ниту имаме аналитичари кои ги следат внимателно промените на цените на енергенсите на енергетскиот пазар, ниту се слушаат препораките од енергетичарите кои не се членови на Владата, или нивни блиски соработници/советници – посочува Димитров.

Текстот за состојбите во енергетскиот сектор прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости