Димитров во посета на Шпанија, на маса и ратификација на Пристапниот протокол за НАТО

by Fokus

Шефот на дипломатијата Никола Димитров утре ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија, на покана на министерката за надворешни работи, ЕУ и соработка, Аранча Гонзалес Лаја.

Како што соопшти МНР, на агендата на разговорите на двајцата министри ќе се најдат прашањата за заокружувањето на процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на нашата земја во НАТО, од страна на шпанскиот Парламент, соработката во рамките на евро-интегративниот процес на Република Северна Македонија, како и тековната состојба и перспективите за унапредување на севкупните билатерални односи.

Во рамките на посетата на Мадрид, министерот Димитров ќе се сретне и со претседателот на Долниот дом на шпанскиот Парламент, Меричел Батет.

Собранието на РСМ поради распуштање за предвремените парламентарни избори минатата недела предвреме го усвои протоколот за членство на државата во НАТО, а ратификацијата почнува да важи по објавата во „Службен весник“ откога шпанскиот парламент ќе ја изгласа како последна 29-та членка на НАТО. Со тоа ќе се заокружи процедурата и државата ќе стане 30-та полноправна членка на алијансата.

Поврзани новости