Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров денес и утре ќе престојува во посета на Германија каде ќе се сретне со високи претставници на новоформираната германска Влада.
Меѓу другото, предвидена е средба со новата државна министерка за Европа – Ана Лирман, која на првиот ден од преземањето на функцијата од Михаел Рот, ќе се сретне со вицепремиерот Димитров.
Димитров, како што информира Секретаријатот за европски прашања, ќе ја искористи посетата за уште во првите денови од мандатот на Владата на канцеларот Олаф Шолц, да го насочи вниманието кон европското досие на Македонија и ангажманот на Германија во регионот.
Прашањето за евроинтеграцијата на регионот, Димитров ќе го покрене и на годишната конференција на Европскиот совет за надворешни односи, клучен настан на европскиот политички календар што ги обединува највисоките носители на одлуки на континентот, еминентни интелектуалци, претставници на невладиното општество и тинк-тенк заедницата.
Тој веќе се сретна со првиот човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, при што изјави дека Северна Македонија докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена.
-Вложивме сериозен политички капитал врз основа на европското ветување, време е вниманието и енергијата да ги насочиме кон процесот на европеизација и исполнување на очекувањата на граѓаните. Ако ЕУ конечно ја поддржи македонската приказна и огромниот влог на ова прашање што се пресликува во целиот регион, тогаш Унијата ќе покаже дека е сила што влече за добро – нагласи Димитров.