„Навистина е време да развиеме еден нов дух на Балканот, пред се со Бугарија. Новата Македонија која се роди од една голема агонија нема комплекси и не и требаат многу споменици за да се гордее со себе. Изгубивме многу време, можеби беше неопходно некои лекции да се научат на овој начин, но мислам дека веќе пораснавме“, изјави Димитров во интервју за бугарската агенција БГНЕС.
„Македонија очекува поддршка од Бугарија за време на нејзиното претседавање со ЕУ, не само затоа што сме два многу блиски народи, туку затоа што ја заслужуваме таа поддршка и затоа што нема да има отворени прашања меѓу нас“, додаде Димитров.
Што се однесува до соработката на земјите во регионот, неговиот став е дека „колку повеќе заедно чекориме кон Европа, толку повеќе се намалува просторот за старите сили кои што имаат други цели. За него е срамота што повеќе од четири години не дошол висок бугарски функционер во Македонија па порача „завршениот национализам да го замениме со долгорочен визионерски патриотизам“.
На прашањето дали има ризик за Македонија на геополитички план, на пример од Русија, тој рече дека има многу области за соработка со Москва, но, она што го правеа за време на кризата беше, како што рече, заштита на „груевистан, а не на Република Македонија“ и потсети дека стратегиската цел на македонија да влезе во НАТО не значи дека ќе имаме лоши односи со Москва и дека не станува збор за избор „или-или“.