Димитров: Ветер и магла е дека струјата нема да поскапи!

by Fokus

Граѓаните чекаат да се врати евтината дневна тарифа на струјата, а енергетските компании ЕСМ, ЕВН Хоум, МЕПСО и МЕМО бараат струјата од 1. јули годинава да поскапи, бидејќи, како што велат, нивните трошоци во работењето драстично се зголемиле.

Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, за да нема поскапа струја, треба да се искористи енергијата добиена од фотоволтаиците.

Тој во изјава за весникот „Вечер“ вели дека е уште рано да се зборува за цената на електричната енергија, бидејќи компаниите уште не ги дефинирале своите трошоци. Точните пресметки ќе можат да се подготват за околу две недели.

Енергетскиот експерт, професорот Константин Димитров, за медиумот вели дека струјата сигурно ќе поскапи, пред сè, поради растот на ДДВ-то од 10 на 18 отсто, што стапува на сила од 1. јули годинава. Тој вели дека дополнително се покажуваат загуби кај трансформаторите од 80 до 90 отсто, а сите знаеме дека тие не можат да бидат повеќе од 5 отсто.

– Покрај зголемувањето на струјата за 8 отсто, поради растот на ДДВ-то, и енергетската компанија ЕВН бара раст на цената, што е многу чудно, бидејќи нема промени во нејзината работа, освен она што се случува во Арачиново и во Слупчане да има дефект на трансформаторот, па за нив плаќаат редовните потрошувачи – вели Димитров.

Тој смета дека и да се врати евтината дневна тарифа, многу малку граѓани ќе го амортизираат ударот од растот на струјата.

– Тоа е само ветер и магла, струјата поскапува, зошто колку може да се заштеди за два часа, ако успеете барем еден ручек да направите, кратко е времето – вели Димитров.

Поврзани новости