Димитров: Верувам дека ќе се надминат разликите со Бугарија за јазикот и историјата

by Fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, смета дека ставовите на Бугарија немаат ефект врз заедничката одлука на Европскиот парламент и верува дека ќе успееме да ги надминеме разликите или во спротивно, како што вели, ќе се соочиме со парадокс на патот кон Европа, која е изградена на јазичната различност и меѓусебното прифаќање.

Тој денеска зборуваше на онлајн брифингот на тема „Северна Македонија се приближува на ЕУ: Напорната работа прави историја?“ во организација на непрофитниот тинк-тенк Европски центар за политики, чиј претседател е Херман Ван Ромпуј, поранешен претседател на Европскиот совет.

„Некои од елементите на ставот според нас не се во согласност со Договорот за добрососедство и да речеме прашањето за македонскиот јазикот е директно спротивно со Договорот од Преспа, каде во нашата идентитетска карта јазикот е македонски. Сметам дека со билатерални напори меѓу Скопје и Софија ќе успееме да го придвижиме процесот и покажеме дека добрососедските односи со Бугарија и македонскиот јазик и идентитетот на македонскиот народ, не само што не се меѓусебно исклучувачки со евроинтеграциите на земјата, туку се комплементарни на патот кон ЕУ. Ако не, ќе биде парадокс ако се соочиме со предизвик за тоа кои сме на патот кон Европа, која е изградена на јазична различност и меѓусебно прифаќање. Верувам дека со многу работа меѓу двете земји ќе стигнеме таму и ќе успееме историјата да нè доближи, а не дополнително да нè раздели. Не верувам дека е лесно, но колку поголеми се пречките, така поголем е успехот на крај на денот“, вели Димитров.

 

Поврзани новости