Според вицепремиерот Никола Димитров, сега е важно да се одржи средба со новата влада во Софија, која ќе ги даде натамошните насоки за надминување на билатералниот спор.
„Многу е важно и за нас, пред се за народот, но и за сите други во регионот кои што гледаа надеж во овие решителни чекори што во изминатите години ги правевме за конечно да ги почнеме пристапните преговори со ЕУ, многу е важно да има нешто. Тоа ќе зависи од оваа билатерална комуникација со Бугарија, но и од расположението на третите, кои имаат влог, кои се залагаат. Затоа што ова прашање стана европско, не е само билатерално прашање, бидејќи влијае на политиките на ЕУ кон регионот. И во таа смисла има реален контекст да се дојде до нешто, мора да се обидуваме за вистински пробив“, рече Димитров.