Димитров: Срамната одлука на Апелација е резултат на клиентелизмот, потребна ни е Антипартија!

by Фокус

Одлуката на Апелација за поништување на пресудата на Основниот суд во случајот „Тврдина-Таргет“ е срам за судството, институција со најмала доверба во државата што е на добар пат да ги изгуби и тие 8 проценти, одлука што е горчлив пораз на жедта за правда на целата нација, смета поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи Никола Димитров.

„Зарем година и половина им требаше да потрошат за ваква одлука, да поништат? И кога е јасно дека има ризик од застарување, што правиме со обврската да се суди во разумен рок? Во најмала рака, дури и да имало апсолутна повреда на кривичната постапка во прв степен, што се разбира не можеме да знаеме бидејќи ја немаме пресудата, требало Апелација да одлучи мериторно – да ја потврди или преиначи пресудата на Основниот суд. Вака ем избегале од одговорност ем завршиле работа, предметот ќе застари“, напиша Димитров на фејсбук.

Воедно, тој додава: „Оваа кал е резултат на клиентелизмот, поставување на „наши“ или „ваши“ судии и обвинители, кои потоа должат и враќаат услуги. И не, нема ЕУ ниту САД да ни го решат овој проблем. Можат да помогнат, но проблемот ќе мораме да го решиме ние, граѓаните, борејќи се против партизацијата. Се додека за способните и чесните нема место поради партиски лојалните, нема излез од овој грд круг. Знаете всушност што нам ни треба? Антипартија!“.

Поврзани новости