Вицепремиерот Никола Димитров во вечрашното гостување на ТВ 24 рече дека македонската Влада има две црвени линии во однос на преговорите со Бугарија. Првата е дека нема преговарање за македонскиот јазик и идентитет, а втората е дека напредокот на Македонија кон ЕУ не смее да се сведе на тоа дали ќе успеат да се договорат историчарите во македонско-бугарската Комисија.
-Ние имаме објаснувачки меморандум кој излезе во јавноста, кој е навредлив за нас и за нашиот идентитет. Во смисла на инжинеринг, таканаречен македонски јазик… Јас се радувам на изјавите кои доаѓаат од таа страна дека не се спори идентитетот, но соодветно би било да се повлече забелешката во однос на македонскиот јазик од масата на ЕУ. Мислам дека многу ќе биде тешко да стигнеме до таа благородна цел ако нема едно такво со раширени раце прифаќање на другата страна. Знаеме дека имаме делови од историја што ни се заеднички, нека разговараат експерти, историчари за тоа. За мене и за премиерот, македонскиот јазик и идентитет не може да биде предмет на одобрување или разговори со некој друг. Тоа е едната црвена линија. Другата црвена линија е ако напредокот не зависи од ова што сега го разговаравме за правдата, чист воздух, управување со отпад.. ако нашиот напредок се сведе дали историчарите во Комисијата за историја ќе се разберат или не за нешто, тогаш тоа не ја носи Европа дома, туку не враќа во 19ти век. Тие се нашите две линии. Ние направивме многу, за жал не успеавме да најдеме решение со огромна помош од Берлин. Ќе продолжиме, рече Димитров.