Министерот за надворешни работи, Никола Димитров попладнево во Скопје беше домаќин на делегација од поранешниот Пакт за стабилност за Југоисточна Европа предводена од поранешниот вице-канцелар на Австрија и последниот специјален координатор на Пактот, Ерхард Бусек.
Како што соопшти МНР, на средбата одржана во Министерството се разговараше за актуелните случувања во земјата и регионот, со акцент на Договорот од Преспа, како еден од главните интереси на експертската група.
Поранешниот вице-канцелар на Австрија, Бусек го поздрави Договорот од Преспа и ја нагласи визионерската улога на политичарите од двете земји, нагласувајќи дека овој Договор може да биде модел за решавање и на други тешки прашања, не само во регионот, туку и пошироко.
Димитров, од своја страна, се посочува, даде пресек за актуелната политичка состојба и постигнувањата како на внатрешен, така и на надворешен план, а се разговараше и за очекуваната политичка одлука за отпочнување на преговорите со ЕУ.
-Ниту ние, ниту ЕУ не може да си го дозволи луксузот да пропушти шанса за консолидирање на успехот каков што е нашата приказна изминативе две години. Затоа ќе дадеме се’ од себе сите да се уверат во очигледното, истакна министерот за надворешни работи Димитров, стои во соопштението.