Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Вашингтон имаше официјална средба со државниот секретар Мајк Помпео, во текот на која неговиот американски колега даде силна поддршка Македонија наскоро да стане 30-та членка на НАТО.
– Ова е многу важен момент за македонската дипломатија. Со државниот секретар Мајк Помпео денеска имавеме средба што силно охрабрува, изјави Димитров за МИА.
Тој додаде дека тајмингот на средбата е од огромна важност.
– Како што е познато, фокусирани сме на домашните задачи. Потребна е победа на референдумот кој ќе го потврди Договорот што го постигнавме со нашите пријатели од Грција. Македонија има намера да стане рамнопрвна членка на воената алијанса, и нашите американски партнери даваат целосна поддршка во тоа, изјави Димитров.
Укажа дека со вакви охрабрувачки ноти од САД утре се враќа во Македонија лично да ја пренесе пораката до македонскиот народ.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, министерот за надворешни работи најави активна кампања во пресрет на рефернедумот во која преку медиумски и онлајн контакти со јавноста ќе појасни за историската важност на Договорот со Грција и влезот на Македонија во НАТО.
Во изјава за МИА, помошникот државен секретар за европски прашања, Вес Мичел, го поздрави својот македонски колега за успешниот Договор помеѓу Македонија и Грција постигнат во Преспа.
– Како еден од архитектите на Договорот, министерот Димитров играше критична улога во целиот процес. САД силно ги поддржуваат напорите на македонската Влада. Ја цениме улогата што Димитров ја игра во целот процес и САД пожелуваат и се надеваат на успешен референдум, изјави Мичел за МИА.