Димитров се сретна со папата Франциско

by fokus

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска во Рим учествуваше на меѓународната конференција за одговорност на државите, институциите и поединците во борбата против Анти-семитизмот во регионот на ОБСЕ, која се одржа во рамки на италијанското претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

Пред почетокот на конференцијата министерот Димитров и останатите шефови на делегации во Ватикан беа примени на аудиенција кај папата Франциско.

Во обраќањето на Конференцијата, МНР Димитров истакна дека определбата на Република Македонија како мултикултурна и мултиетничка држава е да ги почитува човековите права и слободи на сите свои граѓани и го истакна значењето на еврејската заедница во Република Македонија која иако не е многубројна, има посебен придонес во збогатувањето на културниот мозаик, традиции и врски на земјата. Тој исто така ги запозна дека во Република Македонија досега не е забележан ниту еден антисемитски инцидент.

Воедно ги информираше учесниците дека оваа година на 12 март со неколку настани ќе бидат одбележани 75 години од депортацијата на македонските евреи во концентрациониот камп Треблинка и дека по тој повод се планира Собранието на Република Македонија да усвои декларација за осуда на говорот на омраза и антисемитизмот.

На маргините на конференцијата МНР Димитров оствари билатерални средби со својот домаќин и италијански колега Анџелино Алфано и со шефицата на дипломатијата на Австрија, Карин Кнајсел.

Поврзани новости