Сакаме да имаме најблиски пријателски и добрососедски односи меѓу Бугарија и Северна Македонија и затоа продолжуваме со средбите, со надеж дека македонските историчари ќе излезат од ровот во кој се вкопани и ќе разговараме како научници, а не како извршители на политички нарачки, изјави денеска бугарскиот копретседавач на заедничката експертска Комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров во гостување на Бугарската национална телевизија (БНТ).
Тој вели дека на минатонеделната средба на Комисијата не бил постигнат никаков напредок, бидејќи македонските историчари сакале „да го сведат разговорот на нешто што е далеку од суштинска анализа на работата на Комисијата“ и „да бранат нешто што е неодбранливо“.
– Секогаш треба да се бара повеќе од една гледна точка и тоа не значи дека изворите треба да се занемарат и историјата да се толкува како што секој ќе посака. Нашите колеги ја следат политичката линија на нивното раководство – да не признаваат дека постои заедничка историја и да ги држат работите во неизвесност. Тие обвинуваат дека бугарската страна ја политизира темата, бидејќи во нашата земја не е избрана нова влада, смета Димитров.
Според него, работите мора јасно да се разграничат и политичарите мора да преземат одговорност за тоа и да сносат одговорност за своите постапки.