Димитров: Реформите се изгубија, ЕУ си има сериозен проблем со заштита на интегритетот на процесот кој кај нас целосно се преврте

by Fokus

Без идентитетски и билатерални прашања, а со фокус на заслуги и општествени промени – тоа е патот кон вистинско проширување на ЕУ. Ова е заклучокот од вчерашниот лидерскиот состанок во Подгорица, каде учествуваа министерката за Европа на Шведска, Јесика Розенкранц, претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, Вања Ќаловиќ, активистка за борба против корупција и Тодор Горановиќ, советник за безбедност и одбрана на премиерот Милојко Спајиќ.

Силна порака со поддршка за процесот на проширување на ЕУ, но и пофалба за напредокот на Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, испрати шведската министерка за Европа, Јесика Розенкранц, вчера на лидерскиот состанок „Црногорскиот европски сон: Успешна приказна за регионот“, организиран во Подгорица од „Солуција“, заедно со нашите партнери од Белградскиот центар за безбедносни политики и амбасадата на Шведска во Белград, а поддржан од фондацијата „Браќа Рокфелер“.

Таа го искористи настанот и за реафирмација на ставот дека проширувањето мора да биде базирано на заслуги и не смее да биде оптоварено со билатерални прашања:

„Среде ноќ да ме разбудите ќе кажам дека мора да има пристап базиран на мерит. Не може да дозволиме да има билатерални прашања на патот и тоа јас го зборувам на сите колеги – без билатерални прашања и со силен фокус на реформите – тоа е она што ние го поддржуваме како Шведска“ изјави таа на панел дискусијата.

Претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, на истата линија потсети дека токму Македонија е драстичен пример за билатерализација на процесот:

„Последните три години сите вести во Скопје поврзани со европските интеграции се за Бугарија и за уставните амандмани. Реформите се изгубија. Минатата самодекларирана проевропска влада направи измени на Кривичниот законик што донесоа поголема неказнивност, во име на ЕУ, со надеж дека така ќе обезбеди мнозинство во собранието за измените. Значи кај нас, процесот целосно се преврте – наместо да носи притисок за реформи, ни донесе повеќе неказнивост. Тоа кажува дека ЕУ си има сериозен проблем со заштита на интегритетот на процесот“, изјави тој.

Вања Ќаловиќ, директорка на Мрежата за афирмација на невладин сектор, која се бори против корупција, посочи дека и политизацијата, еднакво како и билатерализацијата на процесот – ја убива неговата суштина – реформи за подобар живот на граѓаните:

„Во нашиот случај, повеќе од една деценија чекавме на законски измени и добивме полоши од порано. Разликата е што порано во ЕУ имавме партнер во критиките, сега ни викаат – ништо страшно, има сега поважни работи од владеење на правото, има геополитика. Ќе направите огромна штета да знаете, не само за нас што не ни помагате навистина да се бориме против корупција, туку и за вас, ако гледате само геополитика и примите нови неподготвени членки. Да не се лажеме, ваков организиран криминал и корупција, како во Црна Гора ретко каде има“, изјави таа.

Со неа не се согласи целосно Тодор Горановиќ, советник на црногорскиот премиер за безбедност и одбрана, кој кажа дека иако некои критики се легитимни, Црна Гора има сериозен напредок:

„Отворени ни се сите поглавја, а шест се затворени. Фокусирани сме на затворање и на други за да испратиме јасен сигнал кон ЕУ“, кажа тој.

Димитров порача дека успехот на Црна Гора е важен за целиот регион, но и дека потребно е поголемо заедништво на сите земји од Балканот:

„Имаме силни геополитички потреси. Променет е самиот поим за тоа што Западот значеше во смисла на демократија. Ајде да поддржиме заеднички сите иницијативата на Германија и на Словенија за воведување на двотретинско мнозинство за да се направи потешко на една земја да блокира поради неразумни причини“, порача тој.

Поврзани новости