На 8 септември во Брисел земјите-членки ќе имаат дебата околу една верзија на предлог-преговарачката рамка, што ќе ја претстави германското претседателство со Европската Унија.
Ова го изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска одговарајќи на новинарско прашање на церемонијата на примопредавање на функциите со новиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
-Планот на Берлин во рамки на можностите во едно вакво време е овој процес да финишира во последниот месец од оваа година. Очекувањата на германското претседателство е првата меѓувладина конференција да се случи во декември оваа година, рече новиот вицепремиер задолжен за европски прашања.
За тоа кој ќе биде новиот технички преговарач, со оглед на тоа што досегашниот, Бојан Маричиќ замина на функцијата министер за правда, Димитров рече дека е рано да се зборува за имиња.