Денеска со многу убаво мнозинство помина ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО во Комисијата во францускиот Парламент и се очекува утре да помине на пленарна седница, изјави во Брисел министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Алијансата. На тој начин, остана протоколот да помине уште во шпанскиот законодавен дом, каде процесот се одолжи поради изборите и формирањето на нова влада.
-Мислам дека е неблагодарно сега да прогнозираме кога ќе формираат влада иако тие имаат автентичен изворен интерес тоа да го направат побрзо. Битно е дека сме тука, учествуваме во работата веќе како да сме членка. Ова е мое второ учество како поканета земја во својство на министер за надворешни работи, првиот ми беше во април на роденденот на Алијансата во Вашингтон. Тука сме да разговараме за темите за коишто се актуелни во НАТО, безбедноста 360 степени, рамноправно споделување на товарот во смисла и на финансии и на учество во мисии, геополитичката ситуација во светот и односите со другите актери, справување со хибридни закани – рече Димитров.
Тој додаде дека овој министерски состанок е пред се во насока на лидерскиот состанок на 3 и 4 декември во Лондон и во таа смисла, според шефот на македонската дипломатија, ќе се разговара за финалната изјава што ќе излезе од лидерите на 4 декември во Лондон.