Димитров: После 10 години препораки, ЕУ конечно треба да ни даде датум за преговори

by fokus

После десет препораки на Европската комисија дека сме подготвени да почнеме преговори за членство, со решение на нерешливото прашање поради кое изгубивме цела генерација, постигнувајќи европски компромис, Европската унија треба конечно да донесе позитивна одлука, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров при учеството на Бледскиот стратешки форум.

На панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност” Димитров се осврнал на нужноста од забрзана европска интеграција на држвава и регионот, како заедничка стратешка определба, соопшти вечерва Министерството за надворешни работи.

Шефот на македонската дипломатија зборувал за значењето на Европската Унија и нејзините вредности за регионот, но и за важноста од уважување и конкретно вреднување на очигледните резултати и постигнувања, уште во претстојните месеци. Истакнал дека оваа прилика не смее да се пропушти и дека е вистинско време за критичен исчекор. Алудирал дека времето истекува и во овој контекст сугерираше дека покрај зборови, неминовни се и дела.

МНР информира дека на средба на Димитров со Жан Кристоф Белијар, заменик-генерален секретар за политички прашања во ЕЕАС,  биле разгледани сите аспекти од добивањето позитивна одлука за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ. Двете страни ја реафирмирале заложбата за постигнување на целта од заеднички интерес.

– Постои широка меѓународна верификација за позитивната трансформација дома. По договорот со Грција, очекуваме позитивна динамика што ќе создаде нов импулс и за нас, за регионот и за ЕУ.  Ова е одлична можност за чекор напред, за успех, во време кога нема многу други шанси за успех, рекол министерот Димитров.

Поврзани новости