Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров денеска на маргините од Економскиот форум во Делфи, Грција, имаше средба со заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер и американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат.
На средбата, како што објави Димитров на Твитер, се разговарало за регионални прашања и билатералната соработка.
Во Делфи, Димитров треба да се сретне и со шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос.
Димитров и Катругалос се дел од учесниците на форумот, а македонскиот министер вечер ќе има и свое обраќање.
Димитров синоќа во Делфи имал средба и со поранешниот грчки министер за надворешни работи, Никос Коѕијас.
– Иднината на пријателството, тесната соработка и стратешкото партнерство во сите сектори е отклучена. Нашиот регион е горд на својата историја. Но, со Преспанскиот договор, сега можеме да се гордееме и со достигнувањата на нашето време, напиша Димитров на својот Твитер налог по средбата со Коѕијас.
Министерот Никола Димитров во рамките на форумот во Делфи ќе има и други билатерални средби.